• ВремеРаботно време: Пон-Петок 08:00-18:00 ; Сабота 08:00-14:00  телефон02 5116 700 

Како се изведува термо фасада?

Термо Фасадите од стиропор имаат голем бум во последните 15тина години. Едноставната монтажа е еден од адутите која ја прават термо фасадата достапно решение со поголем број на мајстори кои ги изведуваат. Но на што треба да се припази при изведување на термо фасада од стиропор? Како се изведува фасадата редоследно? Штом го читате овој текст имате интерес околу поставување на термо фасада. Добро би било да ги знаете основите со цел да ги изберете правилните материјали и добрите мајстори што ќе ја изведат истата. Знаејќи ги овие основи, ќе можете и во текот на монтажата да реагирате зашто после ќе биде предоцна.

*За најчестите прашања околу фасадите прочитејте тука

Ние во Ројал Инвест имаме 15 години искуство од продажба на материјали на фасада и препорака на мајстори фасадери. За да ја видите нашата понуда кликнете тука.

Напомена: Секој мајстор си има свој начин на работа. Во текстот подоле ги прикажуваме основите и работите на кои треба да се обрне внимание.

1. Подготовка на подлогата

Подлогата е најважна варијабила која ја одредува потрошувачката на материјал а со тоа и цената на фасадата. Ако ѕидовите на кои ќе се лепи стиропорот се од цигла-немалтерисани, ќе имате голема потрошувачка на лепак. Ако пак тие ѕидови се криви и не се под лабела, тогаш ќе имате енормна потрошувачка на лепак зашто стиропорот мора да се залепи под лабела, а ако имаме криви ѕидови и цигла, мајсторите ќе мора таа нивелација да ја прават со лепак. Пример ако имате прави ѕидови малтерисани, тогаш би имале потрошувачка на лепак околу 4-6м2 со една вреќа(25кг) Доколку ѕидовите се немалтерисани и криви со една вреќа(25кг) едвај ќе залепите 1-2м2 стиропор. Значи се дуплира потрошувачката на сив лепак. 

Пред да се почне со лепење на стиропорот со сивиот лепак површината мора да се исчисти од сите лабилни и ронливи делови и да се провери дали има влага. И најквалитетните материјали да се користат ако подлогата се рони или има голема влага тогаш со тек на време може да дојде до одлепување на лепакот. 

По проверката на површината истата треба да се помине со подлога Врска-У или уште подобро Бетоноконтакт. Со четка голема или ваљак се нанесува и се остава да се исуши. Со нанесувањето на овие подлоги, површината се оптрашува и се драстично се зголемува лепиливоста а со тоа и ефектот на сивиот лепак што ќе го лепи стиропорот.  

 

2. Лепење на стиропорните табли

Ова е најлесниот дел од цела постапка. Лепакот во вреќи се меша со вода додека не се постигне компактна смеса. Потоа лепакот се нанесува на краевите на таблите во облик на рамка и се прават топки во самата рамка.  Ваквото поставување на лепакот во облик на рамка се прави со цел да се избегне т.н оџак ефект - струење на воздухот измеѓу плочите.  Сигурно сте приметиле на некои фасади како се познаваат оцртани линии од стиропорните табли. Е тоа е поради што плочите биле лепени без рамка.
Доколку се лепи со пурпена за стиропор, тогаш се прави рамка и напреку се повлекуваат линии.
Откако ќе се нанесе лепакот, таблите се лепат на површината со потисок.

 

*За најчестите прашања околу фасадите прочитејте тука

3.Положба на плочите

Кога се залепуваат стиропорните плочи тие треба да се постават наизменично, односно плочата од едниот ред да не биде на во иста положба како плочата над нејзе или под нејзе. На тој начин се избегнува струење на воздухот помеѓу рабовите на плочите и создавање на ладен мост.

На аглите на фасадата, стиропорните табли исто така се редат наизменично со т.н чешел редење. Аглите се најистакнатиот дел од фасадата подложни на ветрови и продор на ладен воздух, затоа ваквото искршено редење оневозможува продирање и создавање на ладен мост. 

 

Кај прозорите и вратите се користи истиот принцип како кај аглите односно да не дојде до симетрично вклопување на страните на стиропорот со страните на прозорот или вратата. За да не дојде до формирање на тие процепи стиропорните табли се сечат и се поставуваат наизменично како на сликата:

 

4. Поставување на типли

На објекти до 8м типлувањето не е задолжително со оглед на денешните лепаци кои имаат јаки лепливи својства. Сепак ако подлогата на фасадата е постара и сте сомничави во нејзината носивост, најдобро е да се постават типли. Должината на типлата треба да биде + 30мм од  дебелината на стиропорната плоча за да влезе во ѕид. Значи за стиропор 50мм потребно е да се типлува со типла 80мм. По стандард се користат 4 типли на м2, но доколку објектот е постар или има голема изложеност на ветер треба да се постават повеќе типли но и со поголема должина.

 

5. Рабицирање

Рабицирањето(армирање,глетовање) се врши со тоа што се нанесува лепак за рабицирање на стиропорните табли а потоа врз лепакот со мал потисок се втопува рабиц пластична мрежа. После 24 часа од нанесувањето на првиот слој лепак, се глетува повторно со лепак за рабицирање врз целата површина на рабиц мрежата. Временскиот период од 24 часа е потребен за да лепакот и мрежата убаво се исушат и при глетовање да не дојде до свиткување на мрежата со што би дошло до нерамнини. 
Треба исто така да се внимава кај овој дел, слојот да не биде премногу дебел односно да биде околу 3-4мм. Исто треба да се внимава рабиц мрежата да биде во последната 2/3 од лепакот со цел лепакот да биде убаво армиран. Рабиц мрежата се поставува со преклоп од 10цм.  Внимавајте да не се врши оваа постапка(глетовањето) со истиот поефтин лепак кој се користи и при лепењето на стиропорните табли. Лепаците наменети за мрежата имаат повеќе адитиви и појаки својства што спречуваат пукање и ронење.

 

втопување на мрежата
глетовање на мрежата

8. Поставување на соодветни лајсни

При изведбата на фасадата освен мрежата и лепаците се користат и лајсни за ивиците. Уште на почеток кога се почнува со лепење на стиропорните табли се користат ПОЧЕТНИ ЛАЈСНИ кои се заштрафуваат во ѕидот и од нив се почнува со редење на стиропорните табли. Овие лајсни вршат повеќе функции : ги прицврстува стиропорните табли и спречува да се пролизгаат додека лепакот е сеуште свеж. Даваат правец на лепење. Спречуваат навлегување на ветер и вода под стиропорните табли.

почетна лајсна

Аголните лајсни се задолжителни и се користат на секоја ивица. Ивиците се најподложни на пукање. Затоа се поставуваат овие аголни лајсни кои спречуваат пукање и оштетување на фасадата.

аголни лајсни

Окапните лајсни се користат за ивици кај сите отвори во ѕидот, како што се врати и прозори. Слични се на аголните лајсни само што имаат додаток кој ја "истерува" водата нанадвор и спречува навлегување во отворот.

окапна лајсна

 

*За најчестите прашања околу фасадите прочитејте тука

7.Подлога и нанесување на малтер

По завршувањето на рабицирањето и сушењето на лепакот (1мм на ден) задолжително се грундира површината на лепакот. Овој важен чекор често гледаме дека се избегнува поради добивање на време и заштеда на материјал.

Пред нанесување на крајниот слој- малтерот или абривот, мора на површината да се нанесе грунд подлога за да се подобри и изедначи впивливоста на површината но и да се зголеми цврстината. Доколку се одбегне овој чекор, се ризикува прошарување на фасадата и појава на пукнатини. Доколку абривот-малтерот е во боја односно се тонира, тогаш и подлогата се тонира во приближна боја како малтерот. Ова особено важи за појаките бои.

 

8. Нанесување на последниот слој - малтерот

Завршниот слој малтерот или популарно наречен абрив, се нанесува со челична глетарка а потоа се рамни со пластична глетарка. Гранулацијата и структурата зависи од изборот на клиентот. Малтерите можат да бидат со гранулација(големина на зрно) од 1.5mm до 3мм. Честопати за естетски ефект се користи најмалата-најмазна гранулација за да се истакнат некои елементи( рамки на прозори и врати, столбови и сл) додека останатата површина најчесто користена е 2мм гранулација.

Малтерите кои ние ги нудиме не се бојадисаат нахнадно со боја, туку се тонира целата структура компјутерски. Малтерите се акрилни, водоодбивни и со трајни бои.  При избор на бојата за тонирање ве советуваме да избегнувате темни и јаки бои зашто впиваат топлина и со текот на времето може да дојде до избледување.

Избегнувајте понуди со минерален абрив кој потоа треба да се бојадиса со боја дополнително зашто не се наменети за фасада овој тип на минерални абриви иако цената е поефтина.

 

 

10. Цокле

Почетниот дел или цоклето е најподложно на механички и атмосферски влијанија и затоа треба да му се посвети посебно внимание. За да се избегне оштетувања од удари или упропастување од вода, овој дел се прави од материјал кој е водоодбивен и отпорен познат како кулир паста. Процедурата за нанесување на кулир пастата е идентична како кај останатиот дел од фасадата, со што разликата е во тоа што место крајниот слој да биде од акрилен малтер се нанесува кулир паста која е далеку поотпорна од акрилниот малтер. Кулир пастата ја продаваме во повеќе варијатни и декори односно се меша декоративно зрно во повеќе комбинации.

Исто така кај цоклето е многу битно пред да се отпочне со изведба на фасадата да се нанесе исправно хидроизолација зашто овој дел е најпогоден од влага. Висината на цоклето треба да биде минимум 30cm, додека хидроизолацијата треба да биде минимум 5cm плус над цоклето.

 

Тоа би биле основните чекори при изведба на термо фасада од стиропор. Се надеваме дека ги добивте основните информации кои ќе ви помогнат да изберете најсоодветна понуда и да си го исконтролирате самото поставување на термо фасадата. Доколку немате стручен надзор, најдобро е во текот на изведбата да бидете пристутни, да прашувате и да реагирате, зашто откако фасадата ќе биде завршена, ќе биде предоцна👍

*За најчестите прашања околу фасадите прочитејте тука

Ако на некој начин ви помогнавме или ви се допадна содржината, би биле многу благодарни ако оставите оценка на facebook или google 👍

Доколку имате дополнителни прашања слобдно пишете ни на контакт формата.